ПОКУЌНИНА

Во оваа група предмети може да се вбројат оние што, пред сѐ, имаат употребна вредност во рамките на домаќинството.
Предметите од покуќнината како дел од нашето богато материјално културно наследство претставуваат многу значаен сегмент во идентитетот на нашиот народ. Тие ни зборуваат за некои дамнешни минати времиња, за традицијата, за начинот на живот и обичаите, за старите занаети, за влијанијата од Истокот и од Западот што нашле свој израз во градската и во руралната култура на овие простори.
Покуќнината била изработена од различни видови материјали, како метал, дрво, текстил, керамика и стакло.

НАЈСТАРИ МУЗЕЈСКИ ПРЕДМЕТИ

Оружје и воен материјал

Старинското оружје и воената опрема што се претставени потекнуваат од периодот на османлиското владеење во Македонија. Најстари примероци на оружје во збирката се: салма, боздоган, бојна секира, балтија и хелебарда, а датираат од периодот од XV до XVIII век. Карактеристиките и начинот на изработка укажуваат дека ова оружје има источно потекло, иако кај некои примероци се забележуваат и примеси и влијанија од Западот.